Македонија
4. January 2016 - 16:30

19 годишни момче избодено до смрт на Бит Пазар

Убод од нож во срцето е причина за смртта на 19 годишниот Леарт Адеми. Момчето синоќа околу 19:30 часот без знаци на живот во старата градска болница на раце го однел негов другар. Четириесет минути лекарите се обидувале но не успеале да го реанимираат.

Полицијата денеска без детални информации за случајот. Потврдуваат дека добиле пријава од клиниката за хируршки болести Св Наум Охридски дека било примено починато 19 годишно момче, но се уште утврдуваат каде се случил инцидентот и што му претходело на убиството.

Леарт Адеми е син на познатиот долгогодишен спортики новинар Сами Адеми. Тој денеска на социјалните мрежи ја објави информацијата за убиството на неговиот син и ги повика пријателите за последен пат да му оддат почит. Адеми потврдува дека Леарт бил усмртен со еден удар од нож.

Според неофицијалните информации, Леарт бил прободен при тепачка помеѓу две групи, во близина на ресторан кај црквата во Чаир. Неговите пријатели тврдат дека Леарт бил мирно момче кое немало проблеми со никого. Во полициска станица на разговор за случајот денеска биле повикани повеќ лица, но резултатите од истрагата од МВР ги најавија за во текот на утрешниот ден.