Македонија
8. August 2020 - 16:45

19 години од трагедијата кај Карпалак

И по 19 години од трагичниот настан кај месноста Карпалак кога од страна на терористите беа убиени 10 мина прилепчани нема изградено споменик. Бранителите кои денеска повторно оддадоа почит на ова место, велат дека ова е веќе срамота и крајно недостоинствено однесување кон оние кои го положија животот за Македонија. Упатија и критика дека како и претходните години и оваа година, според нив, сè помал бил бројот на луѓе за чествување на овој настан.

„И денеска свежото цвеќе кое беше положено во нивна чест. Го положивме на банкината, што неможе да биде понедостоинствено. Од здружението Карпалак од 118 мина, 10 загинаа, 108 останаа, да не речам ниту 50% не се реализирани вработувања, државата многу малку превзеде за нив“, Ацо Јованоски, возач на еден од автубусите со кој се превезуваа бранителите.

„Некој евидентно работи да овој настан полека, но сигурно започне да се заборава. Затоа што и оваа година, како и минатата ниту еден кажа половина збор зошто се дојде овде и што е тоа што денес се одбележува. Мислам дека Министерството за одбрана ќе смогне сили за да подостоинствено ова го чествува, а на бранителиите да им го даде местото за кое што се заслужни“, истакна Марин Најдов, одбор на бранители.

Бранителите од Прилеп се крајно револтирани од државата и партиите кои цели 19 години си поигрувале со нив и ги споменувале само на избори. Голем дел од бранителите не биле ниту вработени.

„Повеќе од половина сме невработении, кој заврши по болници, а голем дел станаа наркомани и алкохоличари. Ние постоиме само пред избори и за овој ден. Зошто терористите кои пукаа на нас, што не испотепаа сега се во парламентот, дома седат плата земаат, а ние се бориме со животот како со лав“, истакна Диме Ристески, еден од ранетите бранители на Карпалак.

Голем број делегации, семејствата на загинатите, претставници на Владата и армијата,како и политичките партии денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на загинатитен на Карпaлак во центарот на Прилеп.

„Поклонувајќи се пред нивната саможртва нашата должност е и како политичари, но и како одговорни граѓани, да направиме се никогаш да не се повтори злото од 2001 година“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Иако поминаа скоро 2 децении досега не е обелоденета вистината за Карпалак, зошто се случи оваа трагедија и дали некој има одговорност во целата ситуација.