Македонија
18. јуни 2020 - 16:40

182 новозаразени со Ковид-19, шест лица починаа, 33 оздравени

Повторно висока бројка на новозаразени и починати од компликации од Ковид-19 изминатото деноноќие. Регистрирани се 182 нови случаи, најмногу 107 се од главниот град, 23 од Тетово.  ште 6 лица ја загубија битката со вирусот. Починатите се од Скопје, Куманово и Тетово на возраст од 64 до 85 години. Оздравени се 33-ца, а од направени 1348 тестирања 13,5 проценти се позитивни.

Бројката на активни случаи во главниот град достигна 1507, вирусот е распространет во сите општини. Токму поради ова на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести според информации на Сител ќе присуствуваат сите градоначалници на скопските општини за да помогнат во справувањето со новиот бран на новоинфицирани. Иако дел од стручната јавност смета дека е потребно враќање на рестрикциите за да се стави под контрола состојбата во Скопје, неофицијално од комисијата ќе побараат од локалните самоуправи поголема контрола на спроведувањето на мерките за заштитна опрема и растојание во градските автобуси, пазарите, парковите.

Директорката на ДСЗИ смета дека давањето лажни податоци и непримањето на решенијата за самоизолација ќе резултира со голем број на заразени наредните 10 до 15 дена.

-Секое позитивно лице или контакт од прв ред со висок ризик со позитивно лице кое нема да го прими решението и слободно ќе функционира е потенцијална бомба, односно потенцијална зараза за сите оние каде тоа ќе се движи, рече д-р Ирина Сотирова Бухова, диуректор на ДСЗИ.

Здравствените власти најавија дека јавно ќе ги објавуваат имињата на лицата кои нема да примат решенија, но засега нема точна информација кога истите ќе се најдат на сајтот на министерството.

Во меѓувреме во Македонија регистрирани се 40 поголеми кластери, половината се во Скопје.

Изминатото деноноќие на Инфективна и во ГОБ „8 септември“ примени се 27 нови пациенти. На болничко лекување во сите Ковид центри во земјава има 337 лица.