Македонија
16. July 2018 - 16:11

180.000 евра потрошени за прославата за НАТО

Владата откри колку потрошила за прославата по повод поканата за членство во НАТО. Музичките настани кои се одржаа во 15 градови во саботата вечерта чинат 179.500 евра или како што пишуваат од владата, за секој одделно се потрошени по 11.900 евра.

Така според податоците доставени до медиумите, најмногу пари од државниот буџет завршиле кај музичарите.

Ангажманот на 40-тина домашни изведувачи, владата ја чинело 75.500 евра.

Изнајмувањето на сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување за 15-те градови се потрошени 49 илајди евра.

Редари, технички персонал, транспорт на опремата – 35 илајди евра.

Според пресметките на владата, најмалку пари или 20 илјади евра се потрошени за промотивна кампања на социјалните мрежи, графички решенија и постпродукција.

Во известувањето од владата се наведува дека концептот на прославите подразбирал квалитетна музика со културна програма за ангажирање на домашна музика за одбележување на успехот на Македонија во остварувањето на стратешките цели за членство во НАТО и ЕУ.

„Владата ангажираше исклучиво домашни изведувачи со кои беа склучени авторски договори за уметнички трудови, односно за музичко-сценски изведби, а изборот на градови беше определен согласно рамномерна географска застапеност. Трошоците за организацијата на настаните се скромни, по нормални пазарни цени“, пишуваат во известувањето од Владата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак прашуваат кој стои зад организацијата на настаните и дали станува збор за фирми кои се во блиски релации со владеачката партија.

„Колку лекови можеа да се купат со тие пари и колку деца можеа да бидат пратени на лекување со истите? Граѓаните им кажаа НЕ за анти - државните политики на СДСМ и на Владата. Граѓаните како претходно, така и сега им кажаа на СДСМ дека не смеат да ја потценуваат нивната интелигенција и дека не го одобруваат капитулантскиот договор со Грција“, изјави Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку веднаш по најавата за прослава по повод поканата за членство во НАТО, настанот го следеа скандали. Дел од ангажираните музичари обвинија дека во договорите не било наведено на каква манифестација ќе настапат. Дел од изведувачите како Влатко Лозановски и групата Љубојна ги откажаа настапите.