Живот
6. December 2017 - 17:33

16-годишник од Скопје во писмена работа: Живеам во општество во кое лицемерието, лажењето и дискриминацијата се секојдневие

Ви ја пренесуваме писмената работа на Андреј Николиќ, 16-годишен средношколец од Скопје насловена како „Мојата борба со искривените морални вредности на времето во кое што живееме“:

Дваесет и првиот век е најразвиениот век досега. Но, таа развиеност е исполнета со толку многу неправилности што, всушност, даваат слика дека човештвото не е помрднато ниту малку од своето создавање.

Живеам во општество во кое навредата, потсмејувањето, лицемерието, лажењето и дискриминацијата се секојдневие, тие се сосема нормално нешто, тие стануваат морални вредности. Поминувам низ улици и гледам деца од најрана возраст како самоуверено навредуваат и дискриминираат деца, возрасни од друга етничка, национална група. Истите тие деца се подржани од своите родители. Тоа се пренесува од генерација на генерација и ништо не се менува. Кога ќе го видам тоа во мене се раѓа таков гнев и страв од моето општество што не можам да го опишам со зборови.

Зарем е важно кој од која етничка, национална или која било друга група е? Зарем тоа одредува каква личност е таа? Зарем може да постои таква морална неправилност што не се менува?

Покрај тие улици, таквите срамни, бедни нешта ги гледам и слушам и во секојдневната комуникација со луѓето околу мене. Со тие преку кои јас ја градам својата личност, истовремено штитејќи ја да не стане исполнета со црнилото и заостанетоста како нивната. Заостанатост преставена преку најмали и најнезабележливи зборови во секојдневната комуникација кои менуваат се’, менуваат животи.

Се движам низ холовите на моето училиште и слушам најразлични навредливи зборови како: шупак, шиптар, педер и многу други, кои се толку многу сраснати, на жалост, што никоја сила не може да ги искорени. И токму тие зборови ги градат стериотипите што се срам на нашето општество.

Сексуалноста на поединците не смее да се употребува како збор, израз за повикување некого. Тоа е избор на поединецот, кој избор не треба да го засега никого, освен тој поединец. Хомосексуалците, трансексуалци се нешто чудно, забрането во нашата држава. На нив се гледа со презир, со сожалување. Нашето општество не им дозволува да се изградат во личноста која навистина се, туку напротив ги потиснува и им прави прави да се чувствуваат виновни за тоа што природата им го одредила. Тоа е толку жално, што дури ми е срам да го пишувам како морална неправилност во дваесет и први век.

Насекаде во светот се случува уништување на тој стериотип и на сите останати, а кај нас не се ни на листа за аргументирање, а камоли за решавање. И ајде кажете ми, како можам јас како шеснаесет годишник да се борам против тоа. Каква сила на зборови можам да употребам за да им ги отворам очите на сите пред тие неправилности.

Набројав само две, но постојат уште многу, многу други, со кои се уште не сме се соочиле, а постојат. Ќе треба и со нив еден ден да се соочиме, ќе треба и нив да ги прифатиме, а ние се уште не сме се ни обратиле на тие што се веќе околу нас. Тоа кај мене предизвикува гнев, бидејќи колку и да се трудам не можам сам да ги променам тие неправилности кои се прифатени како реалност, но ми предизвикува и страв за тоа што ќе се случи со ова нашево патетично општество во кое сите овие бедни нешта се прифатени како морални вредности.

И колку и да се трудат моите родители да ме скријат од овие неправилности, јас ги гледам, јас ги чувсвувам, како и секој друг шеснаесет годишник, кој наместо да ги живее своите тинејџерски години се бори против грешките на ова општество. Секој од нас се бори на свој начин против ова безредие во коешто живееме. Нема неутрални, никогаш немало и никогаш нема да има. Луѓето кои велат дека се неутрални гледајќи го овој срам, само му даваат замав на злото.

Но, до кога ќе биде вака, до кога? Зошто луѓето со големи квалитети молчат, се плашат, и им дозолуваат на идиоти со нивните неквалитети да го одредуваат општеството во коешто сите живееме? На овој свет му е потребен секој атом на добрина, секој добар збор, секоја храброст и желба за промена на добро. Но, никој не може сам. Само заедно можеме да ја спасиме иднината на ова општество.