Македонија
16. јуни 2020 - 16:51

15-ти јули фиксиран со потпис на Џафери и уредби на Владата

Три дена гласање, три дена изборен молк и гласачки места кои ќе се затвораат во 21 часот. Десеттите јубилејни парламентарни избори петти предвремени по ред во нови, корона услови Џафери ги фиксираше на 15 јули.

„Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15-ти јули 2020. Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните.“ – стои во писмената изјава на Талат Џафери.

Владата ги донесе измените со кои ќе се овозможи гласањето да се развлече во три дена. Во првиот ден ќе гласаат сите оние кои се во изолација поради корона вирусот, во вториот болните и изнемоштените а во третиот на 15 јули сите останати. Среда е избрана за изборен ден кој ќе биде прогласен за неработен. Гласањето ќе почне стандардно во 7 часот наутро и ќе трае до 21 часот, два часа подолго од претходно за да се овозможи почитување на здравствените протоколи. Оние кои се во изолација ќе гласаат пред избирачки одбор составен од медицински персонал а свои членови во него ќе можат да предлагаат и политичките партии.
Кампањата почнува на 24 јуни и ќе трае до 12 јули недела кога ќе почне најдолгиот предизборен молк во македонската политичка историја. Во согласност со условите, партиите најавуваат дека нема да организираат традиционални народни собири и својата пропаганда во најголем дел ќе ја пласираат преку медиумите за што Владата со уредба го зголеми просторот за реклами од 9 на 14 минути на секој час програма.
На изборите ќе може да учествуваат само оние политички субјекти кои своите кандидатури ги поднесоа уште пред почетокот на епидемијата на КОВИД19.
Мисијата на ОБСЕ во Македонија пристигнува за три дена. Наместо набљудувачка овој пат ќе биде оценувачка мисија составена од само 7 експерти кои целиот процес ќе го следат од Скопје, што е значително намалување од оние 250 набљудувачи кои ОБСЕ и ОДИХР планираа да ги распоредат за изборите на 12 април.
Петтите предвремени парламентари избори ќе бидат први кои СДСМ ги организира од позиција на владејачка партија, 4 месеци пред влезот во редовниот термин.