Македонија
10. јуни 2020 - 17:18

15% од текстилните работнички во Штип се позитивни на коронавирус

126 текстилни работнички или 15,7 % се позитивни на Ковид 19, покажаа резултатите од тестирањето на над 800 вработени во 7 штипски конфекции. 85 % или 107 од позитивните случаи се асимптоматски или со многу лесна клиничка слика. Интензивната епидемиолошка анкета која се спроведува од 25 –ти мај до денес, покажала дека вирусот помеѓу работниците се ширел на неколку начини.

-Остварувале контакт за време на работен процес, за време на пауза, за време на слободни дружења после работа и за време на патување во автобус-изјави Марија Димитрова, Директор на Центар за Јавно здравје, Штип.

Од досегашните емпирски сознанија може да се изведе заклучок дека бројот на позитивни случаи правопропорционално се зголемува со зголемувањето на бројот на тестирани лица.

-Значи тој процент ни се движи од 10 до 15 % позитивни од вкупната бројка на тестирани. Не е исто дали сме тестирале 400 или 30 луѓе- додаде Димитрова

Вработените кои добиле позитивен тест остануваат во 14 дневна самоизолација заедно со нивните семејства. Над 500 лица во Штип се во домашен карантин.

-Моментално имаме една репрезентативна бројка која ни дава за право да кажеме дека во најголем процент ја држиме состојбата под контрола- изјави Димитрова

Текстилните работнички со негативен тест се вратија на работните места. Утре започнува скринингот на 237 вработени во штипските детски градинки.