Македонија
26. February 2019 - 16:25

15 години од загинувањето на Борис Трајковски

Студеното и дождливо февруарско утро пред 15 години светот го обиколи трагичната вест за смртта на претседателот Борис Трајковски. Загина во авионска несреќа кај Ротимље, Босна и Херцеговина. Во “кингерот” животот го загубија и 8 негови соработници и членовите на екипажот. Патуваа на меѓународна конференција во Мостар. За несреќата која се случи на денешен ден во 2004 година беа извршени 2 истраги и имаше објавено 2 извештаи на две комисии предводени од Салко Бегиќ и Омер Кулиќ во кои учествуваа и наши експерти. Иако двата извештаи се разликуваа во нив беше искучена можноста дека бил извршен атентат. Како причина за падот на владиниот авион беа наведени пилотски грешки и системски пропусти . Во вториот извештај под водство на Кулиќ беше објавен и разговорот меѓу пилотите и контролата на летање, но остана нејасно зошто е пренасочена локацијата на падот на “кингерот”, а истражителот тврдеше дека контролорот знаел каде бил урнат авионот.

На првиот молитвен појадок по повод 15-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател, премиерот Заев во обраќањето истакна дека приоротет на Трајковски беа граѓаните и дравата.

-За претседателот Борис Трајковски, стратегискиот интерес на Република Северна Македонија - нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО беше визија за реализација на која тој целосно се посвети.  Целосно свесен за овој факт, во својата последна јавна изјава по повод потпишувањето на писмото кое ја придружува апликацијата за членство во Европската Унија, тој ќе порача дека задачата со која се соочуваме не може да ја заврши само една влада, само еден претседател или само еден министер. Уште порача дека сите мораме да придонесеме за нашата институционална интеграција во НАТО и во Европската Унија, изјави премиерот Зоран Заев.

На гробот на поранешниот претседател Трајковски денеска цвеќе положија повеќе владини и собраниски делегации и членови од семесјтвото. Македонска делегација го посети и местото на трагичната авионска несреќа кај босанско Ротимље.