Македонија
31. May 2020 - 16:41

14 нови случаи во Штип, најголемиот град на истокот пред карантин?

12 текстилни работнички од Штип и Карбинци се позитивни на Ковид 19. Сите се од истата конфекција во која се појави новото жариште на корона вирусот. Зголемениот број на позитивни случаи е резултат на масовниот скрининг на над 130 текстилни работнички кои беа опфатени со епидемиолошката анкета. Заразата во конфекцијата се прошири во време кога на сила беа ригорозните правила и не може да се доведат во корелација со олабавување на мерките.

Ние сега практично ги очекуваме резултатите од тестирањата кои се случија во претходните неколку дена од таа текстилна компанија, каде што и за очекување е да имаме неколку позитивни случаи – изјави Благој Бочварски, Градоначалник на Штип.

Во моментот во Штип во самоизолација се 170 граѓани, но тоа е далеку од бројката од 270 лица кои беа во домашен карантин во текот на првиот бран. На инфективно одделение се хоспитализирани 15 лица, а веројатно ќе бидат примени уште две пациентки со средно тешко клиничка слика.

Капацитетите во одделението не се пополнети, но имаме и план Б. Во клиничка болница, доколку се пополнат, имаме резервни простории каде ќе можат да се сместуваат пациенти, но јас се надевам дека нема да дојде до тоа - додаде Бочварски.

Деновиве интензивно се дезинфицираат влезовите во конфекциите, ординациите и јавните површини. Останатите две заболени се деца на една и три годишна возраст. Затоа од Центарот за јавно здравје излегоа со задолжение кон сите граѓани целосно и безусловно да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита.