Свет
9. March 2022 - 12:28

14 дена воени активности во Украина

Руската воена инвазија во Украина влегува во 14 ден а веќе четири часа трае прекинот на бомбардирањето од руска страна со цел извлекување на цивилите од украинските градови Суми и Харков. Договорот меѓу двете страни предвидува прекин на борбените дејствија да траат до 20 часот. 

Во меѓувреме продолжува евакуацијата и од Мариопул, а двете страни се обвинуваат дека не се почитува договорот за прекин на огнот додека се прават коридорите за извлекување на цивилното население. 

Украинскиот претседател Зеленски утрово посочи дека одлуката на САД за забрана за увоз на руски енергенси дополнително ќе ја ослабне Русија.

Руското министерство за одбрана пак тврди дека дошло до тајни документи кои докажуваат дека Киев планирал напад врз сепаратистите поддржани од Русија во Луганск и Доњецк.

- Министерството за одбрана добро се сеќава на изјавите на раководството на режимот во Киев за наводно отсуство на какви било планови за вооружана окупација на Луганск и Доњецката народна република. Сепак оригиналите на тајните воени документи на националната гарда на Украина јасно докажуваат дека овие изјави се лажни и дека била планирана воена офанзива во март 2022 година, рече портпаролот на руското министерство за одбрана.

Во меѓувреме се стега обрачот на украинската престолнина. Американската компанија „Максар“ објави нови сателитски снимки на кои е прикажан руски конвој во близина на аеродромот „Антонов“.

Разузнавачките служби на САД пак утрово излегоа со информации дека во наредните два дена се очекува напад на Киев од руските воени сили.

Утре пак рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот украински коелга Димитриј Кулеба ќе се сретнат во Турција потврди руското министерство за надворешни работи. Ова ќе биде прва средба на министерско ниво меѓу двете завојувани страни од почетокот на војната.