Македонија
18. July 2019 - 16:33

1/3 од базените не ја испитуваат водата редовно

Од 53 базени во 17 не се знае каков е квалитетот на водата. Не правеле анализи или немале договор со Центрите за јавно здравје редовно да ја испитуваат. Вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат покажа дека 4 базени делумно ги задоволувале и санитарно хигиенските услови односно треба да ја подобрат состојбата со тушевите, во тоалетите, соблекувалните или просторот во објектот наменет за спорт и рекреација.

-Тоа не значи дека водата е неквалитетна, туку не се правени анализи или немаат договор за испитување на квалитетот на водата со Центрите за јавно здравје, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Инспекторите од ДСЗИ извршиле вонреден надзор и во бањите. Од 9 базени кои се користат за медицинска рехабилитација 3 не ги исполнувале основните санитарно хигиенски услови. Доколку не ја подобрат сосотојбата ќе следуваат санкции.

- На сите им се издадени решенија од ДСЗИ со точно утврдени рокови до кои треба да ги поправат недостатоците, и доколку во наредниот период не постапат по истите и не ја подобрат состојбата ќе следуваат соодветни санкции,додаде д-р Бухова.

Од ДСЗИ велат дека задоволува квалитетот на водата во трите природни езера. Во текот на сезоната биле земени примероци за испитување од 30 локации на Охридското езеро, а небезбедно за капење е само кај одморалиштето Партизан.