Македонија
13. February 2020 - 16:49

13 годишно девојче почина од грип

Прв смртен случај од компликации од грип годинава. На Детската клиника почина 13 годишно девојче од Скопје. Тинејџерката уште од раѓање имала тешки хронични заболувања, а вирусот дополнително и ја влошил здравствената состојба, информираат од Клиниката за детски болести. Девојчето не било вакцинирано. Во установата во моментот се хоспитализирани 17 деца со симптоми на грип.

 Во Институтот за јавно здравје минатата недела регистрирани се 3600 заболени, што е најмногу за една седмица. Овој период според епидемиолозите вирусот најмногу се шири во училиштата.

-Затворање на училиштата и на други институции каде има групирање на население од различни возрасни категории е една од мерките која е на располагање на јавно здравствените авторитети, меѓутоа засега не е донесена таква мерка, што не значи дека во иднина нема да има потреба да се донесе.Ја следиме состојбата да видиме недела, две како ќе се движи и доколку има потреба ќе биде преземена и оваа или некоја друга мерка која здравствените авторитети ќе сметаат дека е соодветна, д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ.

Оваа сезона во земјава официјално регистрирани се над 10.700 заболени од грип. Само Демир Хисар нема пријавено случаи.  Минатата година поради компликации од ова сезонско заболување починаа 30-тина лица.