Македонија
25. May 2016 - 17:03

1.200 лица заболени од мултиплекс склероза, се бара современа терапија за третман на болеста

Во Македонија има околу 1200 пациенти со мултиплекс склероза. Ова невролошко заболување е тешко  и неизлечиво и од него најчесто страдаат  млади на околу 30 годишна возраст. Лекарите велат дека има многу начини на манифестирање кај болните  и затоа ја викаат болест со 50 лица. 

Денеска за прв пат во земјата беше одбележат Меѓународниот ден на болните од мултиплекс склероза...Побараа достапност до најсовремената терапија и порачаа дека со болеста може да се живее

Ана Карајанова Димитрушева со години живее со мултиплекс склероза. Тешката и неизлечива болест и била дијагностицирана на почетокот од студиите. За неа било шок кога дознала дека постојано  ќе биде зависна од лекови. Но не се откажала и продолжила со животот. Завршила факултет и положила правосуден испит.  

-На почетокот имав неколку напади..Но се живее со мултиплекс склероза. јас сум мажена, имам дете и велам, може добро да се живее, вели Ана Карајанова Димитрушева.

Во Македонија има околу 1200 пациенти со мултиплекс склероза. 370 од нив примаат имуномодулаторна терапија на Неврологија, која им помага да не дојде до прогресија на болеста и инвалидност. 

-  Во светот има терапии трипати помодерни и посовремени со 65 проценти успешност во спречување на инвалидитетот. Би ги замолил институциите да ги донесат таквите лекови, тие да бидат на товар на на ФЗОМ за да можат што повеќе лица заболени од оваа болест да ја добиваат. Ова е автоимуна болест, кај секого се манифестира различно, не се знае како и до кој степен ќе се развива и е многу важно во рана фаза кога ќе се открие да се почне со третман и лекување за да не прогресира и да се дојде до инвалидска количка за да мора да бараме придружници и да бидеме на товар и на семејството и на општеството, изјави Дејан  Ѓеорѓиевски, претседател на здружението Мобилност.

Невролозите ја викаат болест со 50 лица бидејќи е непредвидлива и кај секој пациент различно се манифестира. Велат најдобро е кога рано е поставена дијагнозата за веднаш да почнат со терапија.

-  Она што ја прави тажна оваа болест е што носи инвалидитет. - Ние како Клиника правиме напори да ги донесеме најновите терапии кои се достапни во светот. . Се надевам дека оваа бројка ќе биде уште поголема, но за разлика од лани годинава има 170 нови пациенти вклучени на оваа терапија, изјави Габриела Новотни, Клиника за Неврологија.

Денеска во Македонија за прв пат беше одбележан Меѓународниот ден на заболени со мултиплекс склероза. Пациентите порачаа дека со оваа болест може да се живее нормално.