Македонија
7. March 2018 - 16:13

12 годишно дете од Домот ,,25-ти Мај‘‘ било исчезнато 6 месеци, полицијата го пронајде синоќа на улица во Скопје

После цели шест месеци откако било пријавено за исчезнато 12 годишно дете штитеник на Домот “25 мај” ноќеска 1 часот по полноќ било пронајдено од полицијата на улица во Чаир.

Во билтенот на МВР  е наведено дека детето потоа било предадено на одделението за малолетничка деликвенција за да се утврди каде било и што правело изминатиот период.

Според информации на Сител детето избегало од Јавната установа за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми на 12 септември минатата година.

Директорот на установата не сакаше да го коментира настанот, требало прво да добие дозвола од министертсвото за труд и социјала за да даде изјава за медиуми.

И министерката Царовска не откри детали што се случувало со детето половина година. Вети дека ќе добиеме писмен одговор.

- Што се случува во домот? – Ќе добиете писмен одговор за тоа, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Попладнето кусо одговорија од МТСП.

- Во разговор со малолетното лице, после неговото враќање во установата, е констатирано дека во текот на целиот овој период се наоѓал кај својот чичко во Кавадарци. Малолетникот е во добра здравствена состојба. МТСП ги проверува сите детали за случајот, стои во одговорот од министерството за труд и социјала.

Останува нејасно што барало детето на улица во Скопје среде ноќ, кога го пронашла полицијата ако било кај чичкото во Кавадарци.

Инаку домот 25 мај изминатиот месец ја брануваше јавноста откако се дозна дека 13 годишно девојче штитеничка на истиот со месеци била силувана и аботрирала. Бремени останале уште две малолетнички кои живееле во установата.