Македонија
13. February 2018 - 16:18

110 поплаки за работата на судиите се префрлија во Судскиот совет - ќе се расправа и за 5 разрешувања

Повеќе од 100 претставки со поплаки за работата на судии или пак, судски одлуки биле пренесени од Советот на  факти во Судскиот совет, а кои Советот на факти не успеал да ги разгледа пред да биде укинат како дел од судските реформи.

Дополнително до Судскиот совет пристигнале уште неколку претставки. Се работи само за првични поплаки за работата на судските органи, но не и за барања за разрешување на судии. Такви во моментов се само пет, потврдува претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски.

Претставките се веќе распределени по членовите на Судскиот совет и се очекува за нив првичните извештаи да бидат готови за некоја од наредните седници на ова тело.

-Дека се работи за претставки а дека барање за разрешување на судија е сосема нешто друго и се поднесува кога има точно утврдена повреда на закон од страна на судија ... годишно се разрешуваат по еден до два судии во изинантиве три години, изјави Зоран Караџовски.

Бројот на претставки по судии вообичаено е по неколку стотици годишно, а само три до четири отсто од нив, или најмногу 10-тина имаат основ и се претвараат во барање за утврдување на дисциплинска одговорност со мерка за разрешување на судија. Најголем број од претставките се поднесени од граѓани, но меѓу 110 претставки има поплаки и од Специјалното јавно обвинителство и уште неколку од адвокати и невладини организации.

Поплаки има за судијката Моника Бахчовановска, потоа за петмина судии од Врховниот суд на чело со претседателот Јово Вангеловски, за Рахилка Стојковска, Ристо Катавеновски, Фаик Аслани и Џемали Саити.

Во четврток пак, Судскиот совет ќе ги разгледува петте барања за разрешување на судии кои беа поднесени од претходно.