Македонија
25. јуни 2018 - 16:25

11 повредени во сообраќајка кај Струмица

11 лица од кои двајца потешко се повредени во сообраќајна несреќа која се случи рано утрово на магистралниот пат Струмица - граничен премин Ново Село на влезот пред  селото Робово.  Две патнички возила,од кои  едно марка мерцедес, едно ауди и трактор  биле учесници во судирот во кој со повреди се здбиле 11 - те патници. Десет од повредените лица кои се наоѓале во патничките возила се на  возраст од 16 до 25 години, додека возачот на тракторот е 49 годишен маж. 

Веднаш по несреќата сите повредени се примени во амбулантата на хируршкото одделение во струмичката болница каде на деветмина им  биле констатирани лесни телесни повреди . По извршените прегледи и укажаната неопходна медицинска помош  сите се пуштени на домашно лекување.

Кај двајца од учесниците во сообраќајката од кои едно момче и една девојка се констатирани тешки телесни повреди и тие се задржани на хируршкото одделение. Едниот од нив е со повреди на коленото, додека другиот на лицето. И двајцата се надвор од животна опасност и во стабилна состојба,  но остануваат на понатамошна опсервација. Засега нема конкретни информации како дошло до несреќата и која била причината поради која се судриле  трите возила. Истрагата е во тек, а причините ќе бидат познати по целосното расчистување на случајот.