Македонија
26. February 2019 - 12:05

11 дисциплински постапки за вработени во затворот во Шутка, бројката ќе расте

Од истражниот затвор „Скопје“ во денешното соопштение  ја известуваат јавноста дека директорот на затворот Ѓоко Котевски и формално ја поднесе својата оставка до Владата на Република Северна Македонија по настаните кои резултираа со физички пресметки во затворот на 21-ви овој месец.

-Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбебедување, се наведува во соопштението.

Како резултат на пропустите, како што е посочено, бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција.

Покрај оставката на директорот, согласно констататираните наоди во извештајот, покренати се дисциплински постапки за инволвирани лица кои ги прекршиле протоколите за работа.

Извештајот е доставен до Управата за извршување на санкции, до Министерството за правда и до Владата на Република Северна Македонија за натамошно постапување.

Дојче веле повикувајќи се на извори од Истражниот затвор „Скопје“ објави дека во моментов покренати се постапки за најмалку 11 лица се покренати  – дел за дисциплински прекршоци, дел за дисциплинска неуредност

На сцена стапуваат првите мерки за одговорност за минатонеделните два одвоени инцидента во Казнено-поправната установа „Скопје“. Како што изјавија за ДВ релевантни извори од Истражниот затвор, досега биле покренати најмалку 11 постапки за лица кај кои биле утврдени пропусти во постапувањето. Бројката не е конечна. Објаснуваат дека „дисциплинските прекршоци“ се однесуваат на потешките пропусти, а „дисциплинска неуредност“, условно речено, за полесните пропусти.

Оттаму потврдуваат дека вчера попладнето до „Илинденска“ број 2 бил доставен комплетниот Извештај од Истражниот затвор, по испитувањето на сите причини и околности заради кои во ист ден се случија два одвоени инцидента, а во кои беа нападнати притворените поранешни министри, Спире Ристовски и Миле Јанакиески. Покрај Извештајот, вчера до Владата била доставена и оставката на досегашниот директор на Истражниот затвор, Ѓоко Котески.