Македонија
26. September 2015 - 10:09

„100 илјади поети за промена“ по петти пат во Струмица

Струмица денеска ќе биде домаќин на петтата по ред манифестација „100 илјади поети за промена“, која е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“, која годишно се оддржува во повеќе од 100 држави.

Глобалното движење „100 илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира петтото јубилејно издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“.

Како дел од програмата во Струмица ќе се одржат две поетски читања. Првото ќе биде во Старото детско забавиште, каде ќе читаат најмладите автори, основци и средношколци од Струмица, кои претходно се пријавија на отворениот конкурс, за потоа ќе продолжи со отворање на изложба на плакати, промоција на зборникот „100 илјади поети за промена – V“ проследено со поетски рецитали од учесниците на конкурсот, поетски видео перформанс и сценски хип-хоп настап на „Пука козметика“.

На читањето ќе учествуваат поети кои се дел од конкурсот кој претходно беше објавен на тема - промени, во кој учествуваа околу 200 поети од Македонија и светот, гости поети од Египет и ќе бидат проследени со изложба дваесетина плакати кои се дел од конкурсот кој претходно беше објавен.

Mанифестацијата има за цел да се шири и да ги мобилизира сите поети ширум светот, а досега во Македонија се вклучуваат сите оние кои сакаат и имаат волја да бидат промената која сакаат да ја видат во светот или најмалку во себе, односно околу себе.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои учествуваат на манифестацијата, како што велат организаторите, обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи. Преку овој проект ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија, размислувања и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика...