Живот
13. September 2017 - 10:00

Зошто зевањето е толку заразно?

Просечно, човек во тек на својот живот се проѕева 240.000 пати. Ембрионот започнува да го прави тоа уште во матката, по 11-тата недела од зачнувањето.

Зошто се проѕеваме? Најзастапената теорија е веќе и научно отфрлена. Таа го објаснуваше проѕевањето како рефлекс кој го снабдува организмот со поголема доза на кислород кога ќе биде потребно. Студијата на американецот Роберт Провајн уште во осумдесеттите години покажа дека нивото на гасови во крвта е исто пред и по ѕевањето.

Многумина научници пронашле поврзаност на проѕевањето со намалување на стресот или зголемување на концентрацијата, па дури и тоа дека проѕевањето во некои случаи покажува желба за секс.

Покрај се, можеби најиздржана теорија денес е теоријата на разладување на мозокот. Исто како и компјутерите, и мозокот работи најдобро кога е „ладен“, но кога се соочува со пообемни проблеми и напрегања, доаѓа до негово прегревање со што се намалува неговата способност за обработка на информации. Тогаш, проѕевањето во улога на „природен термостат“ овозможува навлегување на ладен воздух и создавање на здрава температура за мозокот. Dr. Andrew Gallup од Универзитетот Принстон, спроведувал студија со 160 волонтери која покажала дека луѓето се проѕеваат речиси двојно повеќе во зима отколку во лето. Приврзаниците тоа го поврзуваат со фактот што во лето кога воздухот е многу потопол, проѕевањето не би ни донело некој бенефит, односно не би влијаело во разладување на мозокот.

Во прилог на оваа теорија се и тврдењата на Dr. Andrew Gallup дека прегревањето на мозокот може да предизвика чувство на поспаност, објаснувајќи всушност зошто се проѕеваме кога сме поспани.

Сепак, останува прашањето зошто не се проѕеваме почесто кога имаме зголемена телесна температура и зошто змиите се проѕеваат, а не располагаат со механизам за регулирање на телесната температура.

Заразноста на проѕевањето

Гледајте како некој се проѕева и пробајте вие да не го направите истото. Едноставно не е возможно. Неуспешен е речиси секој обид да оддолееме. Дури и читањето за проѕевање ве поттикнува да го сторите тоа.

Заразноста на проѕевањето е од епидемиски размери. Повеќе од 50% од луѓето ако видат некој како се проѕева ќе го повторат истото. Меѓутоа, иако проѕевањето се среќава и кај многу животински видови (змии, лавови, мачки, дури и птици и риби), заразното проѕевање е карактеристично само за луѓето, шимпанзата и (можеби) кучињата.

Заразното проѕевање влече длабоки корени; тоа е знак на емпатија и форма на изразување на социјална врска.

Одговор на нечие проѕевање со проѕевање, или т.н. заразно проѕевање е потсвесна реакција која влече длабоки корени од античко време, а во чија основа лежи емпатија, споделување на емоциите и соживување со личноста која се проѕева.

Заразното проѕевање не е ништо друго туку знак на емпатија и форма на изразување на социјална врска. Впрочем, тоа е индикација за високиот степен на социјална еволуција. Заразното смеење и заразното плачење се слични изрази на емпатија.

• Одговор на заразното проѕевање се стекнува на 4 годишна возраст.

Научниците ја потврдија поврзаноста помеѓу заразното проѕевањето и емпатијата вршејќи студии за преваленцата помеѓу деца со нормален развој и деца со аутизам. Аутизмот е развојно нарушување кое ја засега социјалната интеракција доведувајќи до неможност тие деца да стапат во емоционална врска со луѓето околу нив. Заклучокот од испитувањата е дека заразното проѕевање изостанува кај деца со аутизам и деца под 4 годишна возраст. Децата под 4 годишна возраст немаат развиено чувство на емпатија т.е. немаат стекнато такво искуство, па затоа заразноста со проѕевање кај нив е сведена на минимум.

Во студија спроведена на 120 деца со нормален развој на возраст од 1-6 години, заразното проѕевање не било регистрирано ниту кај едно дете од 1 година. Само едно дете од 2 години и само две деца од 3 години реагирале позитивно на заразното проѕевање, а огромен скок на заразност со проѕевање забележале во групата со 4 годишни деца, каде на истото возвратиле 9 од 20 деца. Кај возрасните овој процент е уште повисок и се движи од 40-60 %.

• Децата со аутизам е малку веројатно дека ќе „фатат“ проѕевање. Што потежок е обликот на аутизам толку е поневеројатно да се случи истото.

Во вториот дел од истата студија биле вклучени 28 деца со различен степен на аутизам. Испитувањата покажале дека децата со поблага форма на аутизам речиси двојно повеќе на проѕевањата одговараат со проѕевање отколку тие со потешка форма. Кај најтешките облици на аутизам децата никогаш не се заразуваат со проѕевање. Многу психолози кои се занимаваат со развојот на децата ги користат овие методи во своите испитувања.

Сите овие примери ја поврзуваат заразноста на проѕевањето со искажување емпатија, соживување и споделување на чувствата, но исто така тоа е потврдено и со снимки направени на човечкиот мозок кои покажале дека со проѕевањето се активираат исти делови од него како и кога чувствуваме емпатија.

Некои научници отишле и чекор напред во испитувањето на темата и откривањето на главните фактори дали ќе се заразиме со проѕевање или не. Тие тврдат дека најважниот фактор за дали ќе се заразиме или не, не е ниту националноста, ниту бојата на кожа, ниту културните обичаи туку типот на врската помеѓу двете особи. Така, наведуваат дека заразноста со проѕевање најмногу ќе биде изразена меѓу членови на фамилија, потоа роднини и пријатели и на крај, најмалку ќе биде изразена помеѓу двајца странци.

За крај, можеме да утврдиме дека проѕевањето е чин од кој не треба да се срамиме. Истиот треба да го сфаќаме како еден вид на комплимент со кој покажуваме поголема емоционална поврзаност со другите.