Македонија
11. September 2015 - 16:37

Зошто Македонците наместо дадилки со лиценца ангажираат аматери?

Баби, стринки, тетки и комшивки наместо обучени дадилки со лиценци. Многу родители за грижата на своите најмили ангажираат лица од соседството наместо стручен кадар. Законот за лиценцирање на оние кои работат со деца во предучилишна возраст е на сила речиси две години. Лиценци добиле сите негователки во градинките. Но мал е бројот на жени кои чуваат бебиња во домашни услови и за тоа поминале бројни обуки и интервјуа. Таков е примерот и со лошата дадилка од Ѓорче која по тепањето и злоставувањето на деветмесечниот Даријан заврши зад решетки. Министерот за труд и социјална политика апелираше до сите жени кои чуваат или работат со деца да го почитуваат законот и да се лиценцираат.

-Се проверува дали се осудувани, дали се подобни за ова што сакаат да го работат, вели Диме Спасов министер за труд и социјална политика

Случајот со 61 годишната Тодора која го тепаше и му викаше на деветмесечно бебе ја отвори Пандорината кутија. Знаат ли родителите кого пуштаат во својот дом и на кој ги доверуваат децата?

-Таквата личност станува дел од вашето семејство и го оставате најмилото и во таква личност мора да имате целосна доверба, вели Сања Аризанов директор на Бејби сервис

 Дадилката од Ѓорче веќе трет ден е во истражен затвор. Судот и одреди мерка притвор а обвинителството води истражна постапка поради сомневање дека сторила кривично дело малтретирање на дете. Ја пријавиле родителите откако кај нивното бебе забележале модринки како и вознемиреност во ноќните часови. Поставиле скриена камера и се шокирале од резултатот. Нивниот син бил изложен на тортура од жената која ја познавале подолго време и ја ангажирале за дадилка.

Случајот ја разбранува не само македонската  јавност туку и пошироко. Граѓаните бараат најстрога казна. Нејзиниот адвокат, пак, веќе поднел жалби до судот и обвинителството. бара изземање на снимката како доказа и ослободување од притвор. Очекува да добие одговор од надлежните наредната недела.