Кошарка
26. July 2016 - 10:53

Зошто е Џордан тажен и фрустриран?!

Еден од најдобрите кошаркари во историјата, Мајкл Џордан, порача дека повеќе не може да молчи во врска со жестоките тензии меѓу афроамериканците и полицијата во САД, донирајќи два милиона долара за две здруженија.
 
„Тажен сум и фрустриран поради поделбите и расните тензии коишто во последно време стануваат полоши и полоши. Знам дека оваа земја е многу повеќе од тоа и не можам повеќе да молчам. Мораме да најдеме решение за луѓето со црна кожа да имаат еднаков и праведен третман, а полицајците, кои ги ризикуваат животите за да нé заштитат, поддршка и почитување“, напиша легендарниот Мајкл Џордан во отворено писмо објавено во американските медиуми.
 
Расните тензии во САД дополнително пораснаа на почетокот од јули кога полицајци убија двајца афроамериканци во сојузните држави Луизијана и Миенсота, а потоа во два одмазнички напада беа убиени вкупно осум полицајци во Далас и во Батон Руж.
 
Човекот кој со Чикаго Булс освои шест титули во најсилната кошаркарска лига на светот – NBA, во писмото изразува надеж дека во американското општество ќе се случат „конструктивни промени и мирен меѓурасен дијалог“.
 
Донираше два милиона долари на двете асоцијации кои го промовираат разбирањето меѓу полицајците и граѓаните.
 
„Таа сума не е доволна да се решат проблемите, но се надевам дека ќе помогнат работите да се променат на подобро“, додава Џордан.