Македонија
16. August 2017 - 17:28

Зиков и Лешоски не го издржаа притисокот на јавноста - се повлекоа од МЕПСО и од СВП

Лавината негативни коментари на социјалните мрежи предомислија двајца од ново поставените функционери кои беа кадровски решенија на новата влада. Новинарот и сопственик на неделникот Капитал Љупчо Зиков доцна синоќа преку фејсбук соопшти дека се откажува од понуденото место финансиски директор на МЕПСО.

„Да се каже најлошо за мене и моето семејство деновиве не се бираа зборови. Јавноста ја лажеа брутално. Многу пизма и зли мисли. Хипокризија. Инбоксот мој полн со клетви и конкретни закани ... Се измислуваа разни проблеми и причини ... Премногу е. Не вреди тоа толку. Затоа решив да ја вратам назад поканата и да се заблагодарам. Јас не сакам мојот избор на било каков начин да и наштети на имиџот на оваа Влада во чија програма и премиер силно верувам ... Оттука, му благодарам на премиерот и вицепремиерот за економија на укажаната доверба. Ајде друг пат“, напиша Зиков на Фејсбук.

Утринава и поетот Дарко Лешоски соопшти дека јавните критики го натерале да го одбие понуденото место- претсдател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата.

„Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика.“, изјави Лешоски.

Министерот за култура изјавил дека е затекнат од одлуката и жали што поетот кој се прослави преку фејсбук нема да ја прифати новата функција.

„Сепак, притисокот на јавноста беше голем и постапи доблесно. Интенцијата за назначување соодветни кадри ќе продолжи уште повеќе, тие личности да се бараат и на локално ниво во интерес на децентрализација во културата“, рече Алаѓозовски.

Зиков доби најсилни критики за неговиот политички ангажман изминатите години, критиката кон СДСМ и своевремено дадената позитивна оценка за дел од економнските проекти на владата на Груевски. . Лешоски беше критикуван поради своето јавно декларирање како противник на поетски фестивали. ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека неговото именување е навреда за докажаните поети.