Македонија
9. August 2016 - 16:42

Живот во прифатен центар

Потресни сведоштва и тажни приказни на жителите од скопските села Стајковци, Синѓелич и Економија, чии куќи беа целосно уништени во поплавите. Ученичкиот интернат Партение Зографски во моментов е привремен дом за 35 лица, од кои најмалото е 5 месечно бебе од скопско Економија. Неговата мајка Христина пред камерата на Сител го раскажа најстрашниот момент во нејзиниот живот. Вели дека огромното количество вода и го поплавило домот за само неколку секунди,  а децата успеала да ги спаси благодарение на соседите, преку прозорецот од собата во која спиеле.

Во ученичкиот дом се сместени и голем број пензионери. Димитрие и ... Димовски од скопско Стајковци велат дека во поплавата изгубиле се што создале во животот и сега немаат  каде да одат. Тврдат дека ваква бура не паметат во последниве 6 децении. Во обид да се спаси од водената стихија Димитрие ја повредил ногата. Во домот добива храна и вода, но има голема потреба од  лекови.

Жителите од Стајковци, Синѓелич и Економија очекуваат брза реакција од институциите за да можат да се вратат во своите домови. Од Партение Зографски велат дека од Црвен крст секојднево пристигнуваат храна и вода, а раселените лица и натаму имаат голема потреба од облека, лекови и средства за лична хигиена. Прифатилиштето за сите нив ќе биде отворено до крајот на месецот, бидејќи од 1 септември започнува приемот на нови ученици.