Македонија
12. September 2017 - 21:51

Живаљевиќ: Не го предводев организираниот напад врз Заев

Советникот во српската Амбасада во Скопје и офицер на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ синоќа во интервју за српската телевизија „Хепи“ изјави дека аферата, која е поврзана со неговото име во врска со насилствата во македонскиот Парламент на 27 април, е „режирана“, со цел да се сврти вниманието од вистинските провокатори и насилници.

Живаљевиќ тврди дека во моментот на нападот врз македонскиот премиер Зоран Заев тој не бил физички присутен.

- Во тој момент протестите траеја 57 дена. Кобната ноќ седев дома, не следев ниту телевизија и не знаев што се случува надвор. Во 18,30 часот ме побара нашата амбасадорка Дубравка Дивљаќ Томиќ и ми кажа дека народот влегува во Собрание. Веднаш го информирав Белград за немирите. Значи од 18,30 до 19 часот нападот врз пратениците го следев од дома. Читав многу наслови во медиумите дека сум ги предводел насилниците, но повторувам тоа може многу лесно да се провери, објаснува Живаљевиќ.

Според него, во 19 часот добил повик од Белград, во кој му било најавено дека судирите ќе се зголемат од страна на навивачки групи од Србија, и оти треба да ги лоцирам и спречам, но и да ги информирам македонските власти.

- Во тој момент се сетив дека имам фотографии од некои криминалци од Србија, кои можеби ќе ми помогнат во препознавањето и заминав во Амбасадата, на што губам уште половина час. Пред Собранието стигнав околу 20 часот. Се вртев наоколу, сликав неколку фотографии и одлучив да го информирам советникот за безбедност на македонскиот претседател, господинот Синиша Алексовски, за можниот напад од страна на српски навивачки групи. Во Собранието влегов во 20,20 часот, а тепањето на Зоран Заев и неговите пратеници се случило во 18:45, тврди српскиот разузнавач.

Во прилог на своето тврдење, дека се одвлекува вниманието од вистинските насилници, во интервјуто за српската телевизија Живаљевиќ го споменал присуството на Игор Југ, поддржувач на Хрватските ослободителни сили (ХОС), кој според него, „можеби имал и оружје“.

Живаљевиќ во интервјуто за емисијата „Кирилица“ додава дека Југ не бил уапсен, ниту пак маскираните тепачи, но според одредени информации „Југ требало да го ликвидира Заев“.

Разузнавачот истакна дека медиумите со вмешувањето на неговото име во инцидентот се обиделе да докажат дека тој раководел со нападот и дека е руски шпион,

- Требаше да се најде моја поврзаност со руските служби. Всушност, јас никогаш не сум бил во контакт со некој Русин. Се дружев со претставници на сите главни разузнавачки служби, но никогаш со Русите, тврди Живаљевиќ.

Тој потенцира дека „Србија сака добри односи со Македонија, која е важна за регионот, бидејќи во неа се вкрстуваат многу интереси - бугарски, српски, албански, руски, американски“.

- Кога Македонија прогласи независност таа се судри со три проблеми - проблемот за името со Грција, за идентитетот со Бугарија и за црквата со Србија. Сите се тоа православни држави, а Македонија се наоѓа меѓу нив како „тројански коњ“, бидејќи ако Грција, Бугарија и Србија се нејзини непријатели, тогаш останува само Албанците да и бидат пријатели, изјави Живаљевиќ за српската телевизија „Хепи“.