Македонија
13. September 2016 - 19:09

Зголемена е потрошувачката на лекарства за смирување

Паниката и стравот од земјотресите се уште присутна кај скопјани. По синоќешниот потрес од 4 степени по Рихтер, над 60 граѓани побарале лекарска помош.

Во Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски, до утринските часови амбулантски третирале 23 пациенти. Никој не бил задржан на болничко лекување.

Со помали повреди четворица жители на главниот град завршиле на Ургентен каде по медицинскиот третман биле пуштени дома. На бројот 194 регистрирале 22 јавувања поврзани со земјотресите. Сите доживеале стрес, само една жена имала расекотини. За разлика од претходните два дена, лекарите велат дека состојбата не е толку алармантна.

-Мирна ноќ, сите беа како во шокова состојба. Сите интервенции екипите ги реализираа дома, немаше транспорти до болници. Има јавувања и на Ало докторе, затоа апелирам, без потреба да не се звони на 194, туку за совети е достапна линијата на Ало докторе, вели Василаки Карабашев од Брза Помош.

Паничната состојба кај скопјани е беспотребна. Граѓаните мора да продолжат со секојдневното функционирање, апелираат лекарите.

-Да апелирам, нема потреба од толку паника бидејќи тоа предизвикува дополнителни проблеми но и хаос, вели Карабашев

Во услови на елементарни непогоди, според лекарите е вообичаено да се зголеми побарувачката и потрошувачката на антидепресиви. Неофицијално, во аптеките изминатите денови повеќе се трошат лековите за смирување. Но официјални бројки од надлежните институции нема.