Македонија
14. March 2016 - 13:51

Зголемен водостојот на реките Брегалница, Кочанска и Оризарска

Водостојот на реките Брегалница, Кочанска и Оризарска кои минуваат низ Кочанската котлина се зголемува, и на места се излеани од своите корита.
 
Оризарска река на две места е излеана и тоа под селото Оризари и кај село Грдовци, при што се поплавени дваесетина хектари земјоделски површини.
 
- Како општински центар за кризи постојано ја следиме состојбата со водостојот на реките. Моментно е излеана и реката Брегалница кај мостот кој го поврзува Облешево со село Теранци. Овој патен правец е во прекин четврти ден, а денеска жителите од Теранци до Облешево се пренесуваа со трактори, изјави Благој Николов, раководител на Центарот за управување со кризи на Кочани.
 
Две машини на Центарот, истакна Николов, се на терен и работат на расчистување на коритата на Кочанска и Оризарска река.
 
- Инаку, се уште е во прекин и патниот правец од село Долни Подлог до село Облешево пред Кочанска Река поради прокопаниот коловоз за што е направен канал за одводнување на надојдената атмосверска вода од поплавените површини, вели Николов.
 
Директорот на Водостопанство Брегалница од Кочани Николчо Гоцев потенцира дека водостојот на Река Брегалница која се влева во акумулацијата Калиманци е зголемен. Дотокот во акумулацијата изнесува 67 метри кубни во секунда. Браната е на прелив со 49 метри кубни вода. Во акумулацијата Градче крај Кочани  дотокот изнесува 4,8 метри кубни, а од акумулацијата истекуваат 7 метри кубни вода во секунда.