Бизнис
7. October 2016 - 11:24

Зголемен бројот на патници на аеродромите, најбараната дестинација Истанбул

За 17 проценти е зголемен бројот на патници кои се превезени преку двата македонски аеродроми во првите девет месеци од годинава споредено со истиот период минатата година.

Компанијата „ТАВ Македонија“ денеска соопшти дека вкупниот број патници достигнал 1.382.714, а зголемување од 11 проценти има и кај вкупниот број полетувања и слетувања, односно во првите девет месеци се реализирани вкупно 13.009 летови.

Најфреквентна дестинација од скопскиот аеродром бил Истанбул по што следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Со нискобуџетската авиокомпанија „Визер“ патувале најголем број патници, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустриан ерлајнс“, „Германија флуг си“ и „Пегасус ерлајнс“.

Од „Тав Македонија“ најавуваат нови авиолинии и посета на тур-оператори.

- Нашите главни заложби како менаџмент, силно поддржани од маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми, како и од Владата како наш партнер, ќе останат фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фреквенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај. Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром – Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017 година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во текот на овој месец, Македонија ќе ја посетат и претставници на два големи полски тур оператори со цел да ги разгледаат можностите за воспоставување на првата авио-врска меѓу Полска и Македонија, со чартер-летови до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ од Варшава и од Катовице во текот на летната сезона во 2017 година. 

„ТАВ Македонија“ соопшти дека неодамна Македонија ја посетиле и француски тур-оператори кои ги разгледувале можностите за воспоставување чартер-летови до охридскиот аеродром. - ТАВ Аеродроми е во комуникација и со други тур-оператори од Германија, Израел, Грција, Русија и Скандинавските земји, со истата цел – да го зголеми бројот на летови и вкупниот сообраќај на „Свети Апостол Павле“, се наведува во соопштението.

Во првите девет месеци од годинава има пораст од 16,6 проценти и на карго сообраќајот на скопскиот аеродром, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго-летови за превоз на стоки на извозните компании.