Бизнис
26. April 2016 - 19:45

Земјоделските советници ќе го забрзаат развојот на аграрот

Земјоделските советници ќе го забрзаат развојот на аграрот во земјава. Очекувањата се дека проектот  значително ќе им помогне на земјоделците за поконкурентно производство и пласман. Во таа насока се и проектите на државата со кои ќе се покриваат 80 отсто од трошоците на земјоделците за набавка на високо приносен добиток,  како и за инсталирање на системи капка по капка.

Се изготвува посебен закон со кој ќе се регулира системот за советување.  Секој земјоделец сам си го бира советникот. Едната група на советници ќе биде специјализирана да ги советува земјоделците  за почвата и растенијата односно плодовите од почвата. Другата ќе ги советува за добиток, пасишта и подобри приноси од добиток.

Освен што треба да имаат завршено земјоделски факултет советниците треба да имаат положено  стручен испит и да се стекнат со лиценца. Дозволата ќе им трае 7 години по што повторно ќе биде проверувано нивното знаење.Подготовките ќе ги вршат од преведени книги и учебници, кои се користат од 10те највисоко рангирани универзитети во светот. 

 Ќе бидат плаќани по систем на заслуги. Платата ќе им биде солидна .Во зависност од тоа колку земјоделци се запишани кај одреден советник, толку пари ќе добива од државата. Доколку земјоделците не се задоволни од советите, можат да преминат кај друг советник, при што парите од едниот ќе одат кај другиот советник. Со ова се очекува да се зголеми конкуренцијата кај советниците, кои ќе се борат за подобри резултати.

Со воведувањето на мерката се очекува значително да се зголеми интересот за запишување на земјоделски факултет.