Бизнис
20. јуни 2017 - 20:34

Земјоделци го блокираа регионалниот пат Прилеп – Росоман заради ниска цена и недостиг на пласман за праските

Праските од Росоман на асфалт. Вака производителите го изразија својот револт поради ниската откупна цена и немањето пласман за нивните производи.  Околу еден час го блокираа регионалниот пат Градско Прилеп кај Росоман. Велат дека нема кој да им го откупи родот, извоз нема а домашните откупувачи што ќе пројават интерес им нудат 50 денари за гајба.

-Имаме сериозен проблем, немаме купувачи,праската не оди. Не е како минатата година,цените се ниски. Критериумите на рускиот пазар се зголемени, не можеме веќе да настапиме. Да дојдат тука, да седнеме да разговараме и да се обидат да ни го решат проблемот“, изјави Игор Милошевиќ, претседател на Здружението на овоштари „Росоманска долина“.

Според министерот за земјоделство праските се со многу лош квалитет што резултирало со намален интерес за откуп. Информираше дека државата ќе го решава проблемот со дополнителна субвенција од 6 денари за килограм предадена праска кај откупувачите.

На ова реагираат од ВМРО ДПМНЕ. Велат дека мерката не значи никаква поддршка за земјоделците кога воопшто нема откуп.

Со немањето пласман се соочуваат повеќе од 500 производители кои располагаат со над 400 тони праски кои чекаат да биодат откупени.