Македонија
14. December 2017 - 15:58

Здравствено осигурени 95 проценти од граѓаните, системот треба да се подобрува

Македонија има сеопфатно универзално здравствено осигурување. Околу 95 проценти од граѓаните се осигурени. Се забележува разлика во бројот на граѓани на кои државата им го плаќа осигурувањето, и оние кои  по статистички податоци се сиромашни, но и неусогласување во она што таа го плаќа  и колку реално системот троши на нив.

Ова се дел од резултатите од направената анализа презентирана на денешната дискусија „Здравството меѓу фискалните притисоци за поголеми инвестиции и потребата за подобро здравје на граѓаните”.

Анализата опфаќа и податоци за тоа колку граѓани се здравствено осигурани, какви услуги добиваат за осигурувањето, како да се унапреди системот на здравственото осигурување и да се минимизираат слабостите. 

- Во Македонија  95 проценти од населението е здравствено осигурено. Во останатите пет проценти најголем дел се лица кои немаат документи, најчесто Роми и бездомници. Има голема разлика во бројките на лица пријавени како сиромашни со цел државата да им го плати осигурување и статистичката бројка на сиромашни лица. Тоа, покажува дека во овој дел има одредени слабости на кои е потребно да се работи, рече Маја Парнаџиева Змејкова, експерт од оваа област.

Според неа, спорен е и делот на разликата на издвоените средства од државата за овие лица - 880 денари, и колку реално се троши - 1440 денари. Забележано е и дека 300 илјади граѓани се ослобедени од партиципација, како и дека голем број од лековите се плаќаат приватно.

Рубин Заревски, од Фармацевтскиот факултет од Скопје рече дека анализата имала за цел на транспарентен начин да долови кои се суштинските проблеми во здравствениот систем и да предложи решенија кои ќе помогнат тој да биде подобар.

Еден од битните проблеми според него е нетранспарентноста на податоците, и субјективноста при одлучувањето за сите прашањата.

- Тоа не може да биде предмет на субјективно одлучување, туку да се прави врз основа на одредени принципи и правила, рече заревски.

Според него, треба дополнително да има капитални инвестиции во здравствениот систем, а спорно е тоа што со новиот буџет за 2018 година за оваа намена во здравството се издвоени двојно помалку пари отколку на пример за културата.