Македонија
1. February 2016 - 17:58

Здравствените власти се подготвуваат за вирусот Зика

За две до три недели Македонија ќе добие реагенси за докажување на вирусот Зика. Инситутот за јавно здравје ја почнал постапката за набавка на тестовите по препорака од Комисијата за заразни болести.  Од денеска  во акција и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Ќе ги известуваат локалните власти дека во март мора да почнат со прскање против комарци. Доколку не ја завршат законската обврска ќе бидат санкционирани. На аеродромите ќе се делат флаери на патниците со содржина за вирусот и мерки за превенција. Ова следува по експанзијата на Зика и илјадниците заразени во Латинска Америка. Во Македонија според епидемиолозите овој период  шансите за појава на Зика се  мали, но постои потенцијална опасност од увезени случаи.

- Можноста за појава на внатрешно генерирани случаи во овој момент е екстремно ниска, но тоа не значи дека во следните месеци тоа нема да се менува, особено во април или летните месеци, кога има повеќе компетентни комарци, па така и опасноста ќе биде значително поголема, изјави Звонко Миленковиќ, претседател на Комисија за заразни болести.

Од Светската здравствена организација веќе има препорака до трудниците да не патуваат во земјите каде има Зика, поради опасноста да родат деца со многу мали глави. Голем број вакви случаи беа регистрирани во Бразил, а според последните информации илјадници бремени жени се заразени и во Колумбија. Симптомите за Зика се зголемена телесна температура, исип по телото, мускулна болка, конјуктивитис и општа слабост.