Македонија
9. March 2017 - 14:10

Здравствен дом - Битола ќе го носи името на доктор Хаим Абраванел

На иницијатива на Еврејската заедница во Македонија битолското здружение „Архам“ и со поддршка на Амбасадата на Израел и ЈЗУ Здравствен дом-Битола, од денес оваа јавна здравствена установа ќе го носи името на доктор Хаим Абраванел, евреин кој живеел и работел во овој град.

Доктор Хаим Абраванел бил прв раководител на интерното одделение во Битола, голем хуманист и човек кој секому помагал, посочи Шели Леви Друмел, внука на Абраванел, родена во Скопје, а живее во Тел Авив, каде се преселиле веднаш по скопскиот земјотрес во 1963 година.

- Мојот дедо Хаим Абраванел цел живот го мина во Македонија. Секогаш и помагаше бидејќи тој беше човек што сака луѓе. И јас ја сакам Македонија бидејќи тука сум родена, татко ми е роден битолчанец од семејството Леви, и како што забележувате одлично зборувам на македонски јазик. Од 2009 година често сум во Битола затоа што директно сум вклучена во реконструкцијата на Еврејските гробишта и изградба на Спомен парк на оваа локација. Мојот ангажман го чувствувам како аманет од мојот дедо бидејќи во едно негово писмо од 1961 година прочитав како мојот дедо се обраќа до битолскиот градоначалник за реставрација на еврејските гробишта, и дојде време за исполнување на таа желба. Јас живеам во Израел но срцето ми е тука, рече Леви Друмел за време на денешниот престој во Битола.

Во спомен паркот на еврејските гробишта во Битола ќе биде поставен и сончев часовник кој го изработува израелскиот скулптор уметник Мати Грунберг, кој за време на посетата на еврејските гробишта истакна дека сончевиот часовник ќе понуди атрактивна реткост.

- Сончевиот часовник ќе биде така поставен што ќе овозможува секогаш во периодот од 9. до 11. март преку посебен камен, светлината да паѓа врз овие денови кои потсетуваат на датумот на депортацијата на Евреите, појасни Грунберг.

Сеќавањето на депортитаните Евреи од Битола, освен со молитва што ја одржаа рабинот Матанија од Израел и пасторот Ханс од Германија, беше одбележан со полагање цвеќе пред Споменикот на депортираните Евреи и бистата на народната хероина Естреја Овадија-Мара, со комеморативен марш по Широк Сокак до железничката станица во Битола и со изложба на тема „Ерусалим ја памети Битола“.

- Ова е ден исполнет со многу емоции и енергија. Ерусалим ја памети Битола и затоа понудивме бројни фотографии кои ги поврзуваат двата града. Малкумина знаат дека во Ерусалим има улица која се вика според партизанката Естреја Овадија-Мара, а имаме и Синагога која се вика Монастир односно Битола. Секако посебно возбудлив беше моментот на организација и реализација на комеморативниот марш по Широк Сокак, покрај столбовите на некогашната Синагога кахал Португал во градското шеталиште па се до железничката станица каде младите порачаа „Никогаш повторно“, и сите заедно положивме цвеќиња на шините, истакна Дан Ориан, амбасадор на Израел во Република Македонија.

За време на денешниот престој во Битола гостите од Израел беа примени и од градоначалникот Владимир Талески.