Македонија
21. August 2017 - 18:28

Завршија геолошките истражувања на стариот вулкан над Пехчево

Завршија проспекциските геолошки истражувања кои изминатиов месец се вршеа на стариот вулкан над Пехчево на површина од околу 100 километри квадратни. Истражувањата ги вршеше фирмата „Резервоар минералс Македонија“ од каде истакнуваат дека истражувањата на вулканскиот центар Буковик се во рамките на големиот проект за регионални проспекциски истражувања Простор 1- Источна Макеоднија.

Во поширокото подрачје на вулканскиот центар Буковик се извршени повеќе геолошки, геохемиски и геофизички истражувања, бидејќи секој вуклански комплекс дава полиметаличен карактер на евентуални рудни наоѓалишта на бакар, сребро, олово, цинк, молибден и други минерали, информираат од фирмата. Ова, како што посочуваат, е првата етапа од едно вакво истражување по што ќе следуваат и наредни фази на истражувања, а резултатите од истражувањата ќе бидат готови до 28 септември и ќе бидат доставени од Министертсвото за економија.

Доделената концесија за проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини во Источна Македонија е, всушност, првата доделена концесија за проспекциски истражувања во независна Македонија со која се опфатени 2, 5 илјади квадратни километри и тоа во општините Делчево, Пехчево, Берово, Радовиш, Штип, Карбинци, Облешево, Зрновци, Виница и Македонска Каменица.

Од „Резервоар минералс Македонија“ потенцираат дека проспекциските истражувања имаат за цел подобро осознавање и разбирање на состојбите во однос на минералните суровини, односно, да се знае каде и што има во Македонија. Во таа смисла е донесен и Закон за вршење проспекциски геолошки истражувања како правна основа за истражувањата кои би ги потврдиле сознанијата кои ги има државата од истражувањата вршени пред повеќе децении во времето на СФРЈ. Согласно со тоа, во 2015 година бил објавен првиот јавен повик за вакви истражувања по што фирмата „Резервоар минералс Македонија“, на јавното наддавање ја доби концесијата.

Од фирмата истакнуваат и дека овие 2, 5 илјади километри квадратни се покриени со нов современ метод на истражување наречен БЛЕГ применуван од големите светски компании за брзо детектитање на аномалните зони. Концесијата е доделена на две години, а истражувањата на теренот се при крај.