Бизнис
25. May 2017 - 17:37

Заврши реконструцијата на патот Битола – Ресен – Буково

Заврши целосната реконструкција на регионалниот пат Битола – Ресен – Буково во должина од 27 километри. Вредноста на инвестицијата е околу 6 милиони евра.

Увид во реконструкцијата на овој регионален пат денеска извршија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски.

- Поставен е целосно нов асфалт, извадена е старата подлога и ставена е нова подлога и асфалт. Има уште некои завршни работи околу поставување на ограда или поставување на сигнализација која во наредните 2-3 недели ќе се заврши, рече Груевски.

Ова ветување, додаде, го дадовме пред граѓаните од овој регион  и се исполни за што се инвестирани 6 милиони евра.

- Тоа е доста фреквентен пат меѓу Охрид и Битола, го користат многу возила, а особено товарни. Завршена е добра работа и во иднина граѓаните ќе имаат и покомотно, но и побезбедно патување, истакна Груевски.

Груевски изврши увид и во изградбата на патеката во Преспа. Потсети дека досега е изградена патека и во Дојран долга 5 или 6 километри, а сега истото тоа се прави и во Преспа на Преспанското Езеро.

- Долж Преспанското Езеро се гради патека долга пет километри која е во длабока фаза на градба. Во најголем дел или околу 70 отсто е завршена. Пешачката патека веќе е завршена меѓу Претор, Сливница и Крани, а во моментот се гради велосипедската патека која ќе биде завршена за неколку недели, рече Груевски.

Додаде дека еден дел од патеката е во регионот каде е плажата Стење. Владата, како што рече, овде инвестираше во две многу современи модерни плажи, тоа се Стење и Сливница. Стење е петстометарска плажа, а Сливница околу 150 метри. Посочи дека сега се инвестира во велосипедска и пешачка патека со осветлување кои заедно со овие две плажи ја издигнува Преспа и Преспанското Езеро на повисоко туристичко ниво. Додаде дека минатата година во Преспа имало многу повеќе туристи отколку претходната година.

- Сите туристи сакаат да имаат место за пешачење, за спортување и за рекреирање и што е најважно е тоа што оваа патека ги поврзува Претор, Сливница и Крани. Претходно немаше пешачко и велосипедско поврзување и се одеше само преку регионалниот пат по кој се движат возила и е крајно небезбеден за пешачење, рече Груевски.

Лидерот Груевски заедно со градоначалникот Стрезовски извршија увид и во изградбата на новата водоводна мрежа во Ресен.

Груевски информира дека Ресен бил речиси цел со азбестни цевки, но како што рече, со големи напори на Владата, со обезбедување средства од Европската инвестициска банка и средства од Владата и од Општината се обезбеди замена на сите азбестни цевки во Ресен. Истакна дека е тоа многу важно за здравјето на луѓето и оти нема да има повеќе губитоци на вода.

- Овој проект е со вредност од околу 614 илјади евра. Веќе се заменети водоводни цевки во должина од 4 километри и се пуштени во употреба. Следните 4 километри ќе се завршат за околу една недела, а уште 5 километри ќе бидат завршени во текот на летниот период. Ова е нешто што граѓаните на Ресен долго го бараа и го очекуваа и за што апелираа во минатото. Многу поранешни влади и градоначалници им го ветуваа, но конечно оваа Влада и овој градоначалник успеаа да ја завршат работата и да се погрижиме пред се за здравјето на граѓаните на Ресен, истакна Груевски.