Македонија
20. April 2016 - 23:37

Заврши протестот во Скопје на граѓанската „Протестирам“

Граѓанската иницијатива „Протестирам“ вечерва по осми пат протестираше по скопските улици. Протестот го почна од пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, продолжи пред Собранието, преку Плоштадот пред Владата и заврши кај Градското собрание. 

Протестите се против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција, со барање за негова оставка, повлекување на одлуката за избори на 5 јуни и формирање експертска влада.

Поддржувачите на иницијативата „Протестирам“, кои одржуваат протести од минатиот вторник, бараат и произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд за случаите на СЈО, вклучување независни претставници на граѓанското општество во решавање на политичката криза и бараат процесот да се одвива на територијата на државава.

Барањата ги повторија на Плоштадот „Македонија“. За време на протестите од учесниците беа бојосани дел од спомениците во Градскиот парк, Триумфалната капија и бараките на Градското собрание, а беа испишани и графити.