Македонија
25. September 2016 - 20:47

Заврши манифестацијата Шопска свадба во Куклица

На локалитетот „Камени кукли“ во кратовското село Куклица, денес се одржа второто издание на Шопската свадба, манифестација која дефинитивно прераснува во вистинска туристичка атракција. Пред околу 2.000 гости, невестата

Даниела Ангеловска и зетот Александар Петров ги направија сите обичаи карактеристични за шопската свадба. Невестата пристигна качена на коњ, а тазе бричениот зет ја побара за сопруга од мајката на Даниела, која потекнува токму од Куклица.

Интересен момент на шопската свадба е китењето на зетот со пари, кога поголем дел од гостите редеа пари врз носијата на младиот неготинец.

Значењето на овој културен настан го препознаа од полската амбасада, а лично амбасадорот Јацек Мултановски беше кум на младите. Организаторот на свадбата, здружението „Етно ризница“, за вгодина најави уште побогата манифестација, која ќе привлекува посетители од целиот Балкан.