Македонија
31. August 2017 - 11:17

Заврши ликовната колонија „Скопје 2017“

Во Скопје синоќа свечено беше затворена 12. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2017“, што се одржуваше од 21 до 30 август во хотелот „Солун”.

Традиционално, колонијата беше затворена со презентација на делата создадени за време на престојот на 120-те уметници во Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој присуствуваше на свеченото затворање, изрази задоволство што уметниците и годинава имале можност да работат, да го восприемат градот и да ја доживеат неговата визура од самиот негов центар.

- Нашите гости, кои ни се придружија на колонијата, ни доаѓаат од збратимениот град Нирнберг од Германија, градот Ниш од Србија, градот Сакарија од Турција, градот Александрија од Египет и градот Аман од Јордан. Гостите од странство, со уметниците од Македонија поминаа 10 дена дружејќи се и сликајќи ги делата што вечерва имаме можност да ги видиме, истакна Трајановски.

Годинава за време на ликовната колонија твореа десет академски ликовни уметници, припадници на различни генерации и творечки определби, кои живеат и создаваат во различни средини - Лиза Волфел од Германија, Хилал Балчи од Турција, Камал Абухалавех од Јордан, Мирослав Живковиќ од Србија и Адел Мустафа Елсеиди од Египет, како и Мирослава Микица Трујкановиќ, Христина Зафировска, Марија Марковска, Бурим Укиќ и Часлав Марковиќ од Македонија. 

Колонијата се одржува во организација на Музејот на град Скопје и хотелот „Солун“ и под покровителство на Град Скопје.