Свет
17. November 2017 - 16:51

Заврши климатската конференција во Бон

- Меѓународната климатска конференција во Бон заврши денеска со заклучок на државите учеснички дека е постигнат напредок во исполнување на Договорот потпишан во Париз во 2015 година.

По најавата на претседателот на САД, Доналд Трамп за повлекување од Договорот од Париз, во американската делегација била забележана поделеност меѓу претставници на Белата куќа и други преговарачи. 

Џорџ Дејвид Бенкс, кој ја предводеше делегацијата на САД на Конференцијата, ја искористи посетата на Бон да организира настан во кој се промовираше употребата на јагленот како енергенс, што е во целосна спротивност со одредбите на климатскиот договор од Париз, со кој се сака да се ограничи употребата на ова гориво.

- Но, во текот на двонеделните преговори, други американски претставници изнесоа сиарвови блиски до позициите кои САД ги имаа за време на преговорите во Париз, под Администрацијата на Барак Обама, изјави за медиумите Елиот Диринџер од Центарот за климатски и енергетски решенија.

 

Освен позицијата на САД, друго клучно прашање на преговорите во Бон беше и позицијата на Германија, односно притисокот врз канцеларката Ангела Меркел да определи јасен термин до кога Германија ќе се откаже да употребата на јагленот како енергенс. И покрај барањата на еколошките организации, Меркел одби да се обврзе на рок за затворање на германските рудници за јаглен и термоцентрали.

Премиерот на островската држава Фиџи Франк Баинимарама, кој претседаваше со средбата во Бон, изјави дека бил постигнат напредок во приближување на позициите на богатите и сиромашните држави и околу тоа кои се очекувањата од секоја одделна држава.

Целта на договорот од Париз е да се забави глобалното затоплување на планетата под 2 степени до крајот на 21 век, а начинот на кој се очекува ова да се постигне е со намалување на испуштањето на јаглерод диоксидм кој се ослободува со горењето на фосилни енергенси како јагленот.