Македонија
16. December 2015 - 9:47

Заврши „Кавадаречка културна есен 2015”

Со целовечерен концерт на „Стево Волчев Трио и пријателите”, синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе” во Кавадарци заврши манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2015”.

Директорот на Домот Владимир Темков рече дека за 60 дена колку што траеше манифестацијата биле реализирани 58 културни настани: изложби, литературни читања, концерти, театарски претстави, перформанси, промоции.

- Бројот на културни настани е импозантен дури и за републички рамки. На ова можат да ни позавидат и поголеми градови. Кавадарци е расадник на млади таленти и тие редовно учествуваат во настаните кои ги организираме, а на кавадаречката културна сцена секогаш има место и за уметниците од другите градови и од странство, нагласи Темков.

Пред многубројната публика настапија и кларинетистите Олег Најдовски и Пешо Бошков, Горан Јанев со кавал, Силвана Чулева Атанасова на флејта и Даниела Паланкова на клавир.

Присутните го проследија и хорот при основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале“ и изведбата на пејачкатата група при Здружението на пензионери од Кавадарци, со солистите Маријана Пешиќ и Ангел Тотов.  Вечерта беше заокружена со настап на Наташа Малинкова.

Кавадаречката културна есен беше под покровителство на Градоначалникот и Советот на општина Кавадарци, а покрај Домот на културата, настаните ги организираа и Градскиот музеј и библиотеката „Феткин“.