Македонија
28. October 2017 - 13:44

Заврши гласањето на болните и изнемоштени лица во општините Могила и Новаци

Општинските изборни комисии од Могила и Новаци соопштија дека заврши гласањето на болните и изнемоштени лица од тие општини за вториот круг од локалните избори.

До ОИК-Могила пристигнаа девет барања од исто толку болни и изнемоштени лица за гласање во вториот круг од изборите за градоначалник, истакна Славко Велевски, претседател на ОИК-Могила.

- На сите лица им овозможивме да го остварат своето демократско право на избор. Постапивме според законската процедура и сите пријавени гласаа со што гласањето за денес е завршено. Утре во општина Могила ќе се гласа на 23 избирачки места, а според единствениот избирачки список евидентирани се 5.520 гласачи, потврди Велевски.

Гласањето на болните и изнемоштени лица заврши и во општина Новаци.

- За вториот круг од локалните избори за градоначалник на општина Новаци, до ОИК-Новаци пристигнаа осум уредни барања и на сите болни и изнемоштени лица им овозможивме да гласаат. Утре од 7 до 19 часот ќе се гласа на 24 избирачки места, а право на глас имаат 3.076 полнолетни лица, посочи Стевче Стевановски, претседател на ОИК-Новаци.