Македонија
22. July 2017 - 18:52

Затуроска: МФ недоспеаните обврски на државата ги вбројува во долгови

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција обвини дека во Министерството за финансии владее хаос и оти министерот за финансии ги вбројува недоспеаните обврски на државата како долгови.

- Министерот Тевдовски, владата на СДС и Зоран Заев од ден во ден тонат во своите лаги. Сакајќи да ја оправдаат својата лага на Заев дека владата на ВМРО-ДПМНЕ оставила наводен скриен долг од 1 милијарда евра излегоа на брзоплета прес-конференција во која ставиле се на куп и долгови на единици на локални самоуправи, локални јавни претпријатија и слично. Патем за скандалот да биде уште поголем тие во оваа манипулација користат и обврски кои се уште не се доспеани за наплата, рече Лилјана Затуроска.

Таа обвини дека министерот за финансии ја користи позицијата за партиски интереси и додаде дека министерот за финансии за неколку дена создал долг од над 4,5 милијарди денари по основ на аукции на државни записи, а во ребалансот на Буџетот се скратени средства за проекти во обарзованието и земјоделството.