Интернет
11. January 2017 - 8:54

Заштитата на приватноста може да ги загрози приходите на социјалните мрежи

Сервисите за допишување преку Интернет, како што се Ватсап, иМесиџ и Џимејл, би можеле да се соочат со построги правила за начините на кои мора да ги следат активностите на своите корисници, доколку биде усвоен предлогот на Европската комисија за заштита на приватноста, кој е синоќа претставен.

Како што се наведува, сервисите ќе мора да гарантираат доверливост за разговорите на своите корисници и да бараат нивна дозвола за следење на активностите, со цел да им прикажуваат прилагодени реклами.

Повеќето бесплатни онлајн сервиси се потпираат на маркетинг за да се финансираат, што предизвикало стравување дека предлогот на ЕК би можел да ги загрози тие приходи.

Предлогот на ЕК предвидува одредени правила кои моментно се однесуваат само на телеком операторите, но се прошируваат на интернет компаниите кои нудат услуги за повици и испраќање и добивање на пораки преку интернет, со цел да се затвори јазот во законските прописи меѓу телеком индустријата и повеќето американски интернет гиганти, како што се Фејсбук, Гугл и Мајкрософт.