Спорт плус
16. February 2017 - 9:35

Започнува регистрацијата за „Женска трка 2017“

 Традиционално пред почетокот на „Скопски Маратон“ на 9 април 2017 (недела), ќе се одржи петтата по ред „Женска трка“ во Градскиот Парк во Скопје. Истата е со должина од 2 км. и на крајот од трката сите натпреварувачки учествуваат во лотарија со богати награди од спонзорите.
 
„Женската трка“ низ годините успева да ги посочи здравствените придобивки од редовното спортување и да инспирира за воведувањето на трчањето како здрава навика во животниот стил кај секого.
 
Секоја година илјадници учеснички ја започнуваат сезоната на здравјето и вежбањето преку тренирање за женската трка. Од година на година таа добива на популарност и сè повеќе  жени се пријавуваат за учество.
 
Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје и е во покровителство на Град Скопје како дел од промотивните трки за „Скопскиот Маратон“ кој ќе се одржи на 7 мај 2017 година и за кој сè уште трае рокот за пријавување. На маратонот досега се имаат пријавено над 1.500 учесници од 31 земја – бројка која ветува и ова издание на маратонот да е најмасовното до сега.
 
За „Женската трка 2017“ пријавувањето започнува од денес, 16 февруари , а сите кои ќе се пријават во првите четири дена ќе можат да си го изберат стартниот број. Првиот рок за пријавување ќе заврши на 28 февруари, каде по завршување на истиот цените постепено ќе се зголемуваат.
 
Пријавувањето и регистрацијата за „Женската трка 2017“ ќе може да се направи преку официјалната веб страна на „Скопскиот Маратон“ http://skopskimaraton.com.mk/zenskatrka2017 и преку партнерот за онлајн регистрација www.smartrace.club.