Македонија
18. October 2017 - 16:33

Започна вакцинацијата против сезонски грип

78-годишниот Томислав од Скопје, 10 години по ред постојано доаѓа во Центарот за јавно здравје да прими вакцина против сезонски грип. Цела деценија внимателно ги слуша советите од лекарите и како што вели, подобро да се спречи отколку да се лечи.

-Одамна доаѓам и многу сум задоволен. Ниту еднаш не фатив грип, само лани малку се разболев ама не беше страшно, брзо помина, вели Томислав

Дедо Томислав е еден од 500-тината скопјани кои денеска до пладне примија вакцина против грип. Лица со хронични заболувања и постари од 65 години е најголемата категорија на граѓани кои секогаш први одат да се заштитат од вирусот.

-Ова ми е веќе 6-та година и задоволна сум, не се разболувам...Имам 84 години и повеќе од 12 години примам вакцини за заштита од грипот..Добро е, велат граѓани

Пред да ги отворат вратите за граѓаните, со вакцина се заштитиле и здравствените работници кои ја спроведуваат имунизацијата. Тоа го препорачаа и на останатите нивни колеги.

 -Најмногу доаѓаат хронично болни и постари лица, но исто така, вакцината против грип е препорачана и за лекари кои се во контакт со болни, за новинари и лица кои работат во јавни институции каде има поголема концентрација на луѓе, вели-др. Љуљета Имери, епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

Годинава центрите за јавно здравје имаат на располагање 28 000 вакцини од кои 5000 се за Скопје. Сезоната на грип почна уште минатата година кога надлежните веќе регистрирале 10-тина заболени.