Македонија
10. November 2016 - 14:42

Запленети 108 килограми марихуана вредна милион евра

Уапсени се четири лица и запленети над 108 килограми марихуана со пазарна вредност од околу 1.000.000 евра, со што е пресечен меѓународен канал на недозволена трговија, информира денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

- На 8. месецов уапсени се двајца македонски државјани, еден косовски и еден албански државјанин против кои е поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, а додека пак против првопријавениот и кривична пријава за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Од страна на судија на сите пријавени е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, рече Чавков.

Дрогата со вкупна тежина од 108 килограми и 522 грама била со потекло од Албанија и преку Македонија требало да биде транспортирана до Турција.

- Првопријавениот 45-годишен македонски државјанин заедно со косовскиот и албанскиот државјанин ја набавиле марихуаната од Албанија и преку Косово на почетокот на месецов ја внеле на територија на Македонија, преку зелената граница во околината на Тетово, за потоа дрогата да биде префрлена во Скопје во домот на првопријавениот, изјави Чавков.

Посочи дека првопријавениот е познат нарко дилер што долго време се занимава со трговија со дрога и истиот бил поврзан со случајот „Чауш“ за фалсификување различна документација, во која се пронајдени податоци за фалсификувана медицинска документација за овој случај.

- При претреси во неколку патнички моторни возила како и во домот на првопријавениот, при што во едно од возилата пронајдени се 11 патни торби со 210 паковки во кои била наркотичната дрога, а додека пак во домот на првопријавениот пронајдени се рамка со 19 куршуми за автоматска пушка, куршуми за пиштол, црни патни торби исти како и торбите во кои била сместена и марихуаната. Исто така при преглед на возило управувано од првопријавениот пронајдени се 6 телефонски апарати, држачи за СИМ картички, 20 евра како и други предмети, рече Чавков.

Бирото за јавна безбедност, информираше Чавков, во текот на октомври и почетокот на овој месец во голем број на случаи од различни области поднесе кривични пријави против 55 лица за постоење основи на сомнение дека сториле повеќе кривични дела.

- Најголем број од реализациите се од областа на недозволената трговија со дрога при што заедно со последниот случај запленети се околу 225 килограми марихуана и во помали количества масло од хашиш и семки од марихуана. При реализацијата на овие 10 случаи кривично пријавени се 17 лица. Во два случаи од областа на економскиот криминал поднесени се кривични пријави против 11 лица за злоупотреба на службена положба и овластување, рече Чавков.

Информира дека е разбиена и криминална група која имала за цел вршење експлоатација по пат на проституција на женски лица, жртви на трговија со луѓе, како и случај на криминална група чии членови со помош на лажни платежни картички прибавиле протиправна имотна корист од скоро еден милион и 300 илјади денари.

- Од областа на компјутерскиот криминал реализирани се 3 случаи на компјутерски криминал, при што се поднесени девет кривични пријави, од кои осум за физички лица и една за правно лице. Од областа на класичниот криминал во текот на октомври документирани се случај за сторено кривично дело „убиство” во Крушево, два случаи за сторени кривични дела „разбојништва“ во Тетово и Гостивар и еден случај за сторени повеќе кривични дела „тешка кражба” при што кривично се пријавени две лица, рече Чавков.