Македонија
10. February 2017 - 13:00

Заостанатите сметки за вода ќе се плаќаат без камата

Сите корисници на услугите на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје кои имаат заостанат долг за вода, тужен и редовен, од денеска ќе можат да го исплатат без пресметана камата за задоцнето плаќање. 

Одлуката за ослободување од камата на сите корисници вчера ја донесе Управниот одбор на претпријатието.

- Можноста да се плати долгот без камата е со определено времетраење, во рок од 90 дена. Почнува од денеска и зависи од висината на долгот, главен долг и трошоци. Физички лица може да го исплатат долгот на 4, 6, 8, 10 или 12 рати, во зависност од висината на долгот, изјави денеска директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје Александар Атанасов. 

Граѓаните ако должат од 10 до 30 илјади денари ќе можат да го платат долгот без камата на максимум четири рати, а доколку должат од 50 до 70 илјади денари можат да платат без камата на максимум осум рати.

Тој појасни дека плаќањето заостанат долг без камата важи и за правните лица. Ова не важи само за државните институции и единиците на локалната самоуправа. 

- Приватните и стопански субјекти можат да го исплатат долгот на 2,3,4,5 и 6 рати без камата од претходни години и зависно од долгот од 50, 100, 150 или 200 илјади денари, рече Атанасов.

Управниот одбор на претпријатието донел одлука со која физичките лица од социјално ранливите категории, приматели на постојана парична помош, приматели на социјална помош и самохрани родители кои имаат заостанат долг, да можат да го отплатат на двојно повеќе рати од предвиденото.

Одговарајќи на новинарско прашање, Атанасов рече дека интензивно се работи на новата управна зграда на претпријатието. 

- Планираме до крајот на овој месец да завршат сите активности и на почетокот на март официјално да се вселиме во новата управна зграда, рече Атанасов.