Македонија
18. December 2017 - 14:58

Законот за високо образование објавен за предлози и сугестии

Предлог новиот закон за високо образование денеска екслузивно имаа можност да го добијат ректорите на Универзитетите од Македонија на потишувањето на Декларацијата  за „Универзитети без корупција“ лично од министерката за образование Рената Дескоска.

Таа на дебатата истакна дека предлог законот денеска ќе биде објавен и на ЕНЕР, а со тоа и ставен на јавна дебата за сугестии за негово подобрување.

- Во предлог законот предвидени се повеќе механизми за борба против корупцијата, како што се транспарентност на носење одлуки во универзитетите, деконцентрација на моќта, учество на студентите во одлучувањето, механизми за департизирање на одредени постапки кои се спроведуваат, информираше Дескоска.

Предвидено е, рече таа, и да се избере овластено лице за прием на пријави на корупција кај кое пријавувањето ќе ќе биде анонимно. Тоа лице ќе го избира Сенатот за период од две години и истото ќе го информира Сенатот за својата работа. 

За политиката на отворена врата и достапност на студентите говореше Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски при што нагласи дека Универзитетот е целосно посветен во примената на законската рамка вклучително и на новоит закон за заштита на укажувачите.

- Против корупцијата можеме да се бориме ефикасно само тогаш кога сме заедно, организирани и сплотени, порача Јанкуловски пред професорите и ректорите и нагласи дека секој има обврска да ги елиминира потенцијалните негативни појави но и да се создадат капацитети за ефикасно спречување.

Заменик амбасадорката на САД во Македонија Микаела Швајцар Блум истакна дека борбата против корупцијата бара посветеност од страна на сите фактори во општеството. Нагласи дека се потребни јасни правила и процеси кои ќе промовираат интегритет, како потреба од транспарентност и одговорност. 

- Корупцијата во универзитетите ја поткопува довербата во образовниот систем. Како резултат, студентите кои стануваат се поразочарани, се одлучуваат да ја напуштат земјата. На Македонија и требаат тие студенти, кои се паметни и амбиципозни, да останат тука и да го дадат својот придонес, рече Блум.

Таа ги охрабри ректорите да преземат конкретни чекори да се овозможи заштита на „свиркачите“ на универзитетите, но и да ги охрабрат професорите и целата администрација на универзитетите да пријавуваат корупција. Според неа потребен е и системи на транспарентност на финансиите на универзитетите, со кои би се отежнала можната нивна злоупотреба. 

Декларацијата ја потпишаа ректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, Југоситочна Европа, „Св. Апостол Павле“, „Мајка Тереза“ и проректорот од Универзитетот во Тетово.

По потпишувањето се одржа и тркалезна маса, а професори од сите универзитети дебатираа за тоа како универзитетите да го применат Законот за заштита на укажувачите.