Македонија
15. September 2015 - 13:06

Законот за специјалниот обвинител пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска во 13 часот ќе одржи седница на која ќе се расправа по Предлог законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.

Предлог-законот е поднесен од пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Горан Сугарески и Имер Алиу.

Се очекува, претходно, на координативната средба кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да биде договорен текот на седницата.

Согласно Предлог-законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници во парламентот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување на јавен оглас, го избира Јавниот обвинител, со мандат од 4 години со право на повторен избор. Собранието ќе го утврди кандидатот за Јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители на Република Македонија. Советот, се наведува, ќе го избере јавниот обвинител на седница на која се присутни најмалку две третини од вкупниот број членови.

Работните групи на политичките партии рано утрово се договориле Катица Јанева, обвинителка од Гевгелија да биде специјален јавен обвинител, обврска од договорот од Пржино за надминување на политичката криза. 

Согласно договорот од Пржино, рокот за избор на специјален јавен обвинител кој ќе ги истражува случаите „Пуч“ и „Прислушување“ истекува денеска.

Со изборот на специјален јавен обвинител ќе се испочитува уште една обврска од договорот за надминување на политичката криза во Македонија. Претходно согласно договореното, опозицијата предводена од СДСМ на 1 септември во Собранието на Република Македонија. Со Договорот од Пржино е предвидено и инаугурација на нова влада на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори што ќе се одржат на 24 април 2016 година. На чело на новата влада ќе биде нов премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата на Владата е ограничена на организирање предвремени парламентарни избори. Предвидено е на 20 октомври да бидат именувани нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог на СДСМ. Во тие министерства истовремено ќе бидат именувани нови дополнителни заменици министри на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Заменици министри, по предлог на СДСМ, пак, ќе бидат именувани во министерствата за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација. Тие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите.