Македонија
19. March 2018 - 13:16

Законот за Математичко-информатичка гимназија на комисија го помина првото читање

Зајакнување на математичко-информатичките вештини на учениците и напредна обука на учениците кои се талентирани за математика и физика да стекнуваат надградени знаења во однос на оние програми кои постојат во другите гимназии, е целта на Предлог-законот за Математичко-информатичка гимназија, кој го образложи министерот за образование и наука Рената Дескоска пред членовите на собраниската Комисија за образование и наука која го прифати и даде на натамошно читање. 

Предлагаме, посочи Дескоска, да се формира посебна гимназија која ќе работи по наставни програми кои ќе даваат посебен акцент на математиката, физиката и информатиката. Појасни дека предлогот е во рамки на оваа гимназија да функционира и посебен дел кој ќе значи еден вид центар за талентирани ученици, каде и други ученици кои не се запишани како редовни во оваа гимназија да добиваат напредни обуки за математика, физика и информатика.

- Целта на овој закон ќе биде да ги привлече најталентираните во овие области со тоа што тие што ќе бидат запишани, а имаат одличен успех во учебните години ќе бидат и стимулирани со стипендии кои ќе бидат доделувани по објавен конкурс во МОН. Уписот ќе биде различен од оној во другите училишта, а услов ќе биде општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение и оценка 5 во наставните предмети математика и физика од шесто до деветто одделение, но и ќе се полага приемен испит на кој ќе се проверува знаењето за математиката и физиката, рече Дескоска.

Се предлага покрај редовно вработените наставници во наставниот процес да бидат вклучени и лица кои нема да бидат редовно вработени, а се истакнале како ментори на ученици кои биле наградени на престижни меѓународни натпревари од областа на математика, физика и информатика, лица кои имаат докторат во соодветната област или се избрани во наставно звање во соодветната област. 

- Со оглед на тоа што сакаме почетокот на Математичко-информатичката гимназија да биде во соодветни услови не планираме почнувањето со работа да биде овој септември. Заради тоа нема датум за почеток на нејзината работа, туку е ставено на одлука на Владата кога ќе бидат исполнети условите за квалитетна настава, додаде Дескоска.

Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека еден од важните услови во однос на функционирањето на ваква гимназија се плановите и програмите, кои според неа, треба да подлежат на реформи, а треба да се акцентираат и предметите математика, физика и информатика.

Во таа гимназија, нагласи, ќе се образовуваат деца кои се талентирани и во деветолетката покажале значаен успех по предметите математика, физика, информатика, која се уште не е така акцентирана.

- Иако ќе се учат дополнително со стручни лица како професор тврдам дека со сегашните наставни програми ништо нема да направиме за подобрување на овие предмети. Предметот математика се изучува со три часа неделно задолжително, другото е се ставено во изборно. Три часа математика, па и во прва и втора година се премалку за да може да се постигнат оние основни цели, додаде Лазаревска.

Според Милева Ѓоргиева од СДСМ со овој предлог-закон ќе придонесе добро да бидат мотивирани учениците од основните училишта, бидејќи во последното време мал е бројот на ученици од средните училишта кои се определуваат да одат да студираат математика, физика и информатика. Додаде дека со воведувањето на ваква гимназија ќе се создадат стручни кадри кои ќе бидат полезни во општеството.