Македонија
30. January 2018 - 8:53

Законот за јазиците „прескокнат“, амандманите „изгубени“ во преводот

Претседателот на Собранието Талат Џафери на вчерашната 32. седница ја одложи расправата по Законот за употреба на јазиците во трето читање, која беше осма точка и посочи дека расправата по оваа точка ќе продолжи откако ќе бидат исполнети условите за тоа.

– Обработката на сите амандмани, кои се на број 35.569, не се довршени. Имајќи предвид деловничката обврска да се преведат формални услови за отворање претрес по оваа точка не се исполнети. Затоа преминуваме на наредна точка, рече Џафери.

Претходно, во претпланевниот дел пратениците имаа жестока дебата околу утврдувањето на дневниот ред на седницата. Пред да го утврди дневниот ред, мнозинството не ги поддржа барањата на опозицијата законот да биде последна точка на дневниот ред, ниту пак да го повлечат од седницата.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи претходно изјави дека законот за употреба на јазиците ќе биде донесен и покрај непотпишувањето од страна на претседателот Ѓорге Иванов  и обидот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесените амандмани да го блокира. Нивното противење е потврда за немање чувство на одговорност и на сензитивност во однос на овие прашања, изјави денеска вицепремиерот Бујар Османи.

Тој на средба со новинарите одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Законот за јазици произлегува од амандманот 5 од Уставот на РМ и од Рамковниот договор, и оти со негово донесување ќе биде заокружена имплементацијата на политичкикиот договор кој е донесен пред 17 години.

Претходно, Зијадин Села од Алијансата на Албанците ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со поднесувањето на над 35 илјади амандмани за Законот за јазиците се спротиставува на интересите на најмалку третина од граѓаните и повика на прекинување на вакви политики.

За Алијансата на Албанците, исто така, не е прифатлива дефиницијата „јазикот, кој го зборува најмалку 20 отсто“ од граѓаните.

Пред Собранието вчера се одржа протест против воведување на двојазичност и менување на името.